Skip to content

АЛТЕР ТРИП: Обука за пристапен туризам во Битола

  • by

Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола, како трет партнер во проектот АЛТЕР ТРИП, на 7 јуни 2023 година организираше обука за пристапен туризам наменета за сите засегнати страни во туристичкиот синџир на вредности во прекуграничниот регион на Грција и Република Северна Македонија. Обуката се одржа во ресторанот „Корзо“ во Битола, како една од најпристапните локации во градот.

Педесетина учесници од двете држави имаа можност да научат што подразбира пристапноста, како да се осмисли пристапен туристички производ и пристапна туристичка услуга, кои се правните обврски и законската регулатива на светско, европско и национално ниво. Исто така, особено важен аспект од денешното дигитално општество е и веб пристапноста, па еден дел од обуката беше посветен на пристапната веб страна и начините на кои може да се провери и подобри пристапноста на онлајн содржините. Практично беше прикажана и примената на ИКТ алатките и иновативните технологии за подобрување на пристапноста на културното наследство, каде што со помош на QR кодови и NFC тагови лицата со оштетен вид и оштетен слух може да се запознаат со богатото наследство во нашиот регион.

Предавачи на обуката беа проф. д-р Иванка Нестороска и проф. д-р Ристо Речкоски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, и д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски од НУ Завод и Музеј – Битола. Четворицата експерти воедно подготвуваат и Прирачник за дизајнирање на пристапни туристички производи и услуги, кој ќе биде достапен на македонски и на англиски јазик. Таму на едноставен начин, преку илустрации се објаснети сите параметри и перспективи на пристапноста, така што сите засегнати страни ќе можат прво да проценат колку нивните бизниси и институции се пристапни, но и што можат да направат за да ја подобрат пристапноста за своите посетители.

Настанот го проследија и повеќе локални и национални медиуми, вклучувајќи го и националниот сервис МРТ, чиј прилог се емитуваше во Дневникот на првата програма.

Како здружение на лица со попреченост што функционира веќе 36 години, МОБИЛНОСТ Битола континуирано се залага за подбрување на пристапноста воопшто, а благодарение на учеството во проектот АЛТЕР ТРИП, изоден е уште еден значаен чекор напред кон постигнување на програмските и статутарни цели на здружението.

За АЛТЕР ТРИП:

Проектот АЛТЕР ТРИП има за цел да мотивира транформација на прекуграничниот регион во пристапна и инклузивна туристичка дестинација и да го поддржи одржливиот развој на туризмот на културното и природното наследство.

Проектот е ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички во ИПА Интеррег Програмата за прекуграничка соработка „Грција – Република Северна Македонија“ 2014-202.

www.altertrip.eu |  http://www.ipa-cbc-programme.eu/