АЛТЕРТРИП ИПА Интеррег Грција – Република Северна Македонија 2014-2020, Промоција на ИКТ алатки за пристапен туризам наменети за лицата со попречености
Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола, третиот партнер во проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ АЛТЕР ТРИП, промовираше ИКТ алатки за пристапен туризам наменети за лицата со попречености, што ја прави Битола прв град во регионот со пристапна туристичка понуда на ниво на град. Алатките беа создадени од страна на експертите од Фондацијата за нови технологии, иновации и размена на знаења – ГАУС Институт од Битола, а во рамките на проектот „Алтер трип“, кој е финансиран од ИПА ИНТЕРРЕГ Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“. Промоцијата се одржа во реновираниот Офицерски Дом во Битола на 2 декември 2022, воочи Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември и јубилејот 35 години од основањето на МОБИЛНОСТ Битола.
Алатките вклучуваат туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола наменети за лицата со попречености, кои им беа предадени на Општина Битола за да ги постави на пристапни локации пред соодветните знаменитости, апликација за мобилен уред – туристички водич за лица со попречености (City Bitola – Accessible Tour | izi.TRAVEL) и печатен туристички водич за лица со оштетен вид. Сигналитиката што ќе биде поставена пред избраните споменици содржи тактилни слики и опис со Брајово писмо на македонски и на англиски јазик, и QR код за апликацијата „Битола – пристапна градска тура“, каде што има текстуална и аудио нарација на македонски и на англски јазик, како и видео нарација на знаковен јазик. Печатениот туристички водич е со Брајово писмо на три јазици – македонски, грчки и англиски.
Следејќи го меѓународното мото на лицата со попреченост – ништо за нас без нас – експертите соработуваа со лица со оштетен вид (членови на Здружението на слепи лица – Битола) во текот на целиот производствен процес. Демонстрирајќи ја употребата на ИКТ алатките за пристапен туризам, тие беа воодушевени од крајниот резултат и од искуството што овие алатки им го овозможуваат.
Промоцијата беше проследена од повеќе локални и национални медиуми, а на неа присуствуваа членови на разни организации на лица со попречености, невладини организации, претставници на јавни институции и тн.